
Дефект на главната водоводна линија во штипската населба Баби од утринава без вода остави дел од поголемите населби во градот. Директорот на ЈП „Исар“ Штип, Трајче Здравков, вели дека во моментов водоснабдувањето за населбите кои останаа без вода се пренасочува преку друга главна водоводна линија и се очекува домаќинствата да добијат вода за еден до два часа.
„Се работи за дефект на главна водоводна линија со профил Фи 500, којашто ја снабдува ниската зона од градот, повеќе населби. Се работи за стара азбестно – цементна линија постара од 30 години. Екипите на Водовод и канализација од моментот на самиот дефект се на терен и работат на санирање на дефектот. Очекуваме во попладневните часови да биде завршена замената на водоводната цевка. Во моментот нашиве екипи направија и пренасочување на водоснабдувањето, што значи дека во наредните час – два очекуваме да се стабилизира водоснабдувањето во поголемиот дел од населбите каде што е прекинато поради дефектот“, вели Здравков.
Оваа главна водоводна линија е стара речиси четири децении и затоа под итно е потребна нејзина реконструкција. Поради големиот притисок на вода, кој пристигнува од ХС Злетовица ова не е првпат да дојде до пукање на цевките.
„Тоа е она што го говоревме изминатите месеци, дека е потребна замена на сите овие застарени цевки, бидејќи тоа е она на што треба да се работи и за нас и за идните генерации“, додава Здравков.
Известување за прекин на водоснабдувањето ЈП „Исар“ објави уште утринава во кое се вели дека до санирање на дефектот без вода ќе бидат населбите Баби, Осми ноември, Исар, Ново Село, Пребег, Железничка, Три чешми и дел од улицата „Борис Кидрич“. Се очекува дефектот да се санира попладне, со што ќе се нормализира и водоснабдувањето.
Ребека Спасова М-Нет