Се празнува Павловден во Штип, верниците се помолија за здравје и спасениe

Денеска е Павловден, празник посветен на светиот апостол Павле, еден од најголемите проповедници на христијанската вера. Уште во раните утрински часови, како и вчера кога се празнуваше Петровден, граѓаните ги посетија црквите во Штип. Запалија свеќа за здравје, упатија молитви и се поклонија пред светите икони на апостолите, молејќи се за благослов, мир и благосостојба во своите домови.

Светиот апостол Павле е една од најзначајните личности во историјата на христијанството и еден од најважните апостоли во проповедањето и распространувањето на христијанството.

Павле се смета за една од најважните фигури на Апостолскиот период. Од средината на 30-тите до средината на 50-тите години на првиот век, тој основал неколку цркви во Мала Азија и во Европа. Го користел својот статус како Евреин и римски државјанин за да проповеда пред еврејското и римското население.

Според списите во Новиот завет, пред неговото преобраќање, Павле бил посветен на прогонувањето на првите ученици на Исус во областа околу Ерусалим. Неговиот живот се променил по преобраќањето, по што станал ревносен проповедник на Христовото учење и целиот свој живот го посветил на ширењето на христијанската вера.

Неговите посланија, кои се дел од Новиот завет, и денес имаат големо значење за христијанските верници ширум светот. Светиот апостол Павле останал запаметен како пример за вера, истрајност и посветеност.

Празникот Павловден денеска го празнуваат сите кои го носат името Павле, Павел, Павлина и нивните изведени форми. На славениците им се упатуваат честитки со желби за добро здравје, среќа, мир и Божји благослов.

Иван Митев, М-Нет