Се одбележува денот на наоѓањето на главата на Свети Јован Крстител

Денеска православните христијани го одбележуват денот на наоѓањето на главата на Свети Јован Крстител.

Великиот и славен Крстител Јован бил убиен по желба и наговор на злобната Иродијада, жената на царот Ирод. Откако му ја отсекоа главата, Иродијада наредила да не ја погребуваат заедно со телото, зашто се плашела дека страшниот Пророк би можел некако да воскресне. Затоа ја зела неговата глава и ја закопала на едно скриено и бесчесно место длабоко во земјата. Нејзината дворјанка Јоана, жената на Хуза, не можела да трпи главата на Божјиот човек да остане на она бесчесно место, па тајно ја откопала и однела во Ерусалим, па ја закопала на Елеонската Гора.

Не знаејќи за сето тоа, кога царот Ирод дознал дека Исус врши големи чуда, се уплашил и рекол: „Тоа е Јован когошто јас го убив, стана од мртвите“. Подоцна, еден угледен богаташ поверувал во Христа, ја оставил својата позиција и суетата на светот и се замонашил, па како монах со името Инокентиј се насели на Елеонската Гора токму на она место каде што беше закопана главата на Свети Јован Крстител.

Сакајќи да си соѕида келија, копал длабоко и пронашол земјен сад и во него глава за којашто на таинствен начин му беше јавено дека е на Крстителот.

Од главата на Светиот Предтеча се извршени многубројни чуда. Значајно и интересно е тоа што додека бил жив Свети Јован не е извршено ниедно чудо, а на неговите Свети мошти им се дал дар на чудотворство.

Иван Митев, М-Нет