Се интензивира процесот на легализација во општина Карбинци

Објектите во општина Карбинци ќе добијат легализација откако барањата повеќе од пет години се заглавени во Општината. Граѓаните кои поднеле барања согласно со предвидениот рок, сѐ уште немаат добено решенија, а дел од документациите не се ни обработени. Според градоначалникот, Виктор Паунов, се работи за проблем кој е наследен од претходната власт, а во следниот период процесот на легализација на бесправно изградените објекти ќе се интензивира.

„Во овој момент во Општина Карбинци се откочува процесот за забрзување на оние предмети кои што беа поднесувани во минатото од страна на граѓаните за легализација. Формиравме работна група, односно работна комисија која ќе излезе на терен се со цел побрзо завршување. Имено, се работи за многу предмети кои ги наследив предмети во фиока, неработени пет или шест години во минатото. Во периодот кој следи интезивно ќе работиме на терен, со цел побрзо и поефикасно да ги изработиме и граѓаните да си добијат решенија за легализирани објекти“ – кажа Паунов.

Точен број на поднесени барања Паунов вели дека сѐ уште немаат. Меѓутоа, увидот на терен и обработката на документациите ќе покаже колку граѓани на територија на општина Карбинци поднеле вакво барања, колку од нив имаат поднесено целосна документација и дали ја поднеле согласно со предвидениот рок.

Во 2019 година во Карбинци имаше над 900 барања, а повеќето од половината беа со нецелосна документација. Проблем за забавување на постапката беше и недоволната екипираност на Локалната самоуправа. Бесправно изградени објекти има во речиси сите населени места во општината.

Лаура Стојанова М-Нет