Се зголемува капацитетот на детската градинка „Гоце Делчев“ во општина Илинден

Општина Илинден започна со реализација на проектот за пренамена на постојната кујна во детската градинка „Гоце Делчев“, со што ќе се обезбедат дополнителни простории за престој и згрижување на дечињата.

По изградбата на новата централна кујна, чија реализација е во завршна фаза, постојниот кујнски простор ќе биде целосно реконструиран и пренаменет во две нови занимални.

„Во рамки на градежните активности е предвидена изведба на нови преградни ѕидови и подови, хидроизолациски, керамички, молерофарбарски и фасадерски работи, како и поставување нова внатрешна и надворешна столарија. Ќе бидат изведени и нови електрични инсталации и осветлување, заедно со сите други потребни градежно-занаетчиски работи за создавање безбеден, функционален и современо уреден простор за најмладите“, соопштија од Општината.

Од таму додаваат дека со реализацијата на проектот ќе се создадат услови за згрижување на дополнителни 50 деца, а вкупниот капацитет на детската градинка „Гоце Делчев“ ќе достигне околу 650 деца.

Текстот Се зголемува капацитетот на детската градинка „Гоце Делчев“ во општина Илинден е превземен од МАКФАКС.