Се затвораат маркети, се отвораат казина и обложувалници – граѓаните револтирани

Се затвораат маркети и кафулиња, се отвораат казина и обложувалници. Игрите на среќа сѐ повеќе земаат замав во Штип, Истокот и државава. Темата особено се актуелизираше кога беа предложени измени на Законот за игри на среќа, а на истите реагираа сите приредувачи на игри на среќа. Едно од правилата кои ги предвидува измената е нивна оддалеченост од не помалку од 500 метри од основните и средните училишта. Меѓутоа, од најавата за измените до денес има само најави за отворање на нови вакви објекти. Граѓаните револтирани, велат не се потребни во центарот на градот, ниту во близина на училиштата, бидејќи негативно влијаат врз младите.

Од обложувалниците и казината велат дека влезот на мололетни лица е целосно регулиран со Закон, а поради високите казни тие најстрого внимаваат да нема никакви прекршувања. Додаваат дека немаат никаков интерес во објектите да влегуваат лица помлади од 18 години и во неколку наврати посочија дека заштита на малолетниците треба да се спроведе преку законски измени во насока на едукации, активности за превенција, засилени контроли и казни, како за приредувачите, така и за родителите и старателите на малолетните лица. Сепак, од Министерството за внатрешни работи само при контролата на скопското подрачје изминатиов викенд затекнале две малолетни лица во казина.

Ребека Спасова М-Нет