
И основното училиште „Гоце Делчев“ во Штип ќе добие сензорна соба за инклузивно и квалитетно образование. Општината преку Проектот кој го спроведува Фондацијата „Чекор по чекор“, а кој е финансиски поддржан од Германското друштво за меѓународна соработка, ќе набави и електро-моторен транспортер, кој за почеток ќе го намени за основното училиште „Ванчо Прке“, каде има ученик во инвалидска количка.
„Преку овој проект ќе биде опремена една просторија, односно сензорна соба, и ќе набавиме еден електро-моторен транспортер. Сензорната соба ќе биде опремена во ООУ „Гоце Делчев“, додека електро-моторниот транспортер ќе биде даден на Општина Штип, а Општина Штип ќе го даде на користење на ООУ „Ванчо Прке“, бидејќи по проценката којашто беше направена во сите основни општински училишта, во „Ванчо Прке“ веќе имаме ученик кој е со телесна попреченост, односно е со инвалидска количка за да може да се движи слободно по просториите на училиштето“, истакна Вања Џамбазова-Николовска, соработник за социјална, детска и здравствена заштита при Општина Штип.
Сензорна соба неодамна доби ООУ „Димитар Влахов“, а целта на ваквите соби е да можат и децата со попреченост да се вклучат и да учат заедно со останатите деца во основните училишта. За ова се потребни просторни услови, кои засега ги имаат обезбедено овие две училишта, како и училиштето „Ванчо Прке“. Тендерската постапка е завршена, а конечниот резултат се очекува да се види до крајот на месец ноември.
„До средината на месец ноември се очекува да биде опремена сензорната соба, односно ООУ „Гоце Делчев“ веќе работи на средување на просторијата, обелена е, така што опремата се очекува да пристигне во текот на наредната недела и најдоцна до крајот на месец ноември да биде опремена сензорната соба и да го набавиме електро-моторниот транспортер“, додава Џамбазова-Николовска.
Финансирањето кое го реализира надворешниот партнер е во висина од 5.000 евра, но со оглед на тоа што не се доволни за сензорната соба и електро-моторниот транспортер, Општина Штип ќе обезбеди не повеќе од 700 евра за оваа намена.
Ребека Спасова М-Нет