Седете дома! Помогнете и на планетата Земја!

Април…Четвртиот месец од годината… Месец кој носи ведри денови, шеги и игри… Месец кој од палетата на бои ги бира оние највеселите и ги става во рувото на природата… Низ тивкиот ветрец ги шири нотите од славејчињата и ластовиците… Го шири мирисот од расцветаните дрвја на пролетта… Месец кој ја буди природата и ги брка старите грижи…

Или пак можеби не?! Можеби четвртото дете на мајката Година ќе успее да го исправи нередот кој настана со првенчето Јануари. А нередот стана прилично голем. Нередот наречен Ковид 19 го запре секојдневието и функционирањето на нештата.

Овој април нема да е како претходните. Овој ден на шегата ќе биде поразличен од сите останати до сега во човештвото. Овој први април се покажа во доста поразлично руво. Наместо палетата од бои, тој ја одбера само белата… Можеби на шега го направи тоа. Радосната вест за Христовото воскресение веројатно нема да биде обележана на ист начин како секогаш… Третата среќа Март не ни поддаде некоја светлина.

Се поради вирусот Ковид 19 кој кон крајот на минатата година тивко и неосетно се всели на планетата земја и успеа да се прошири на сите страни. А за да ја избркаме непосакуваната чума од нас се бара само одговорност и дисциплина. Седете дома! Останете дома!

Излегувањето надвор сведете го на минимум! Да, не се бара од нас да заминеме на некое борбено поле, едноставно потребно е да се остане во домот, во кругот на семејството, во амбиентот на оние кои периодов сме ги заборавиле од брзото темпо на живеење. Потребно е ова пауза од полувремето да ја искористиме и да научиме многу за понатамошната игра. Да останеме дома за да им помогнеме на лекарите кои се во првите борбени редови, на сите здравствени работници, фармацевти, на полицијата, на возачите доставувачи на храна, на тетките кои со насмевка не послужуваат во маркетите и на сите кои не се во можност да го имаат луксузот да се самоизолираат како нас. Не се бара храброст или покажување сила, доволна е послушност за на овој терор да му се стави крај.

Не е невообичаено и да се има доза на страв. Стравот е нормален. Не е срамота да се плашиш. Но, сподели го стравот со блиските, ќе ти олесни и ќе се чувствуваш подобро. Стравот е дел од тоа да се биде човек. Меѓутоа многу е важен начинот кој што ќе го одбереме за да го менаџираме стравот. Надминете го стравот и ќе резултирате со успех. А стравот оди рака под рака со паниката, и во конкретнава ситуација предизвикуваат гужви во маркети, трупење непотребни производи во домовите и непочитување на превземените мерки за заштита.

Луѓе, запрете! Можеби ситуацијата во која што сме не е прекрасна, но имаме удел сите заедно и да придонесеме кон нејзино подобрување. Ова е една поинаква борба, без оружје. Запрени авионски летови, откажани фудбалски натпревари, концерти, театарски претстави и културни настани не значат дека ви е откажан животот. Можете и без сето тоа да бидете среќни затоа што среќата зависи од нас самите. Да се биде среќен значи да се биде здрав, да се има дом, да се биде покрај најблиските. Да се биде среќен за некого е само збор од речник, за некого е зголемување на материјални добра, за трети пијани ноќи со пријателите. Да се биде среќен за некого е само да дочека уште едно утро.

А животот кој го водиме е голема борба за подобро утре и потребно е сите да сме свесни за тоа. Токму тоа ново утро зависи од сите нас и од нашата одговорност. Да се биде одговорен значи да се биде свесен, зрел, чесен кон себе си и околината. Покажете дека сте одговорни и помогнете им на вашите деца да живеат обоен април, да имаат маскембал како и претходните и да ги истражат убавините на планетата земја. Затоа што никој нема да дојде и да ве спаси. Животот што го имате е сто проценти ваша одговорност!

Маја Дукова / МНет ХД