
Граѓаните за жал веќе се навикнаа на секојдневните прекини со водоснабдувањето, реагираа денес на прес – конференција од ОО на СДСМ Штип. Од таму потенцираат дека и денешниот прекин е без претходно известување, а за граѓаните нема обезбедено цистерна, како што било случај со доаѓањето на Мицкоски во Штип.
„Сувите чешми во Штип станаа секојдневие, речиси и да нема ден без прекин во водоснабдителниот систем. Во овие пеколни денови со температури над 35 степени недозволиво и нехумано е градот да остане без вода за пиење. Апелираме веднаш до домаќинствата да се обезбеди цистерна за вода за пиење за основни и за елементарни хигиенски потреби како што беше и цистерната од Гевгелија по повод доаѓањето на Мицкоски. Откако Здравков раководи со јавното претпријатие, забележани се над сто прекини во водоснабдувањето во речиси сите делови од градот. Ова е доволен период да се види неговата неспособност“, велат од ОО СДСМ Штип.
Од директорот Здравков побараа одговорност, бидејќи како што велат, тоа е еден од основните принципи во менаџирањето. На ова тој рече дека оние коишто сега држат прес – конференции, парите ги трошеле за други работи, а не за замена на водоводната мрежа.
„Ако во минатото парите оделе за реконструкција и замена на водоводни цевки, сега немаше да се соочуваме со проблеми. За ЈП „Исар“ откако ние го менаџираме, имаме платено над 20 милиони денари за кредит којшто пред 20 години е земен за реконструкција на водоводната мрежа. Токму тие коишто сега прават пресови, земале кредит за реконструкција, но сега гледаме колку е реконструирана и колку се чести дефектите.
Новата локална самоуправа иницираше замена на водоводната мрежа со парите од самопридонесот, за што се одржа расправа меѓу сите чинители. Меѓутоа, градоначалникот Јорданов објаснува дека токму СДСМ не учествувале за решавање на проблемот.
Здравков истакна дека ЈП „Исар“ има направено динамичен план за до крајот на годината да се изврши замена онаму каде што има најчести дефекти, а екипите на претпријатието се на терен во три смени.
Ребека Спасова М-Нет