
Свечено пречекани членовите на ДПД Кочани од натпреварот во Србија каде го освоија златниот медал. Во просториите на противпожарното друштво во Кочани беа пречекани осуммината кои се натпреваруваа во Србија и кои се вратија назад со злато. Претседателот, Златко Илијев, вели дека ова е голем успех за ова противпожарно друштво, бидејќи конкуренцијата била силна, а тие биле едно од најмладите друштва на натпреварот.
„За нас беше трет меѓународен натпревар од ваков карактер. На натпреварот настапија 21 екипа од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Словенија и Хрватска. Тоа беше силна конкуренција. Настапивме со две екипи. Сите пет полигона беа од различни карактери, беше напорно, но тимот покажа сила за овој пехар да биде во наши раце“ – вели Илијев.
Ова е прв историски златен медал за членовите на ДПД Кочани. Како што посочија пред натпреварот постојано се изведувале вежби и се постигнале високи резултати. Кочанското доброволно противпожарно друштво постои три години.
Лаура Стојанова М-Нет