
Суперлигашот Пролет ги започна подготовките за новата сезона во ракометната Суперлига, а притоа претстави и четири нови засилување.
Скопскиот тим под водство на Никола Матлиевски означи старт на подготовките со првата прозивка и првиот собир на ракометарите. Клубот останува со истите амбиции како и во претходните сезони, а тоа ќе биде да се избори пласман во плеј-офот каде ќе се разигрува со најдобрите екипи.
Пролет своите летните подготовки ќе ги реализира во Скопје, а ќе се работи со два тренинга на ден. Во однос на пријателските натпревари првиот тест ќе биде на 16 август со прволигашот Мулти Есенс, потоа клубот ќе учествува на турнир во Прилеп, каде ќе се соочи со Еурофарм Пелистер 2 и српскиот тим Црвена Ѕвезда.
По завршувањето на турнирот во Прилеп, екипата на Пролет се враќа во Скопје каде ќе продолжи со подготовки за стартот на новата сезона кој е закажан за 6 септември.
Пролет се засили со Марко Мишевски, Марко Трајковски, Бојан Солев и Кристијан Давитковски.
Мишевски игра на бековската позиција, тој е поранешен ракометар на Металург и Вардар, а со „црвено-црните“ дојде и до трофеј во Лигата на шампионите. Последниот негов ангажман беше во Франција, по што се одлучи да се врати во македонскиот ракомет.
Трајковски е 23-годишен пивот и всушност е повратник во редовите на Пролет бидејќи за овој клуб настапуваше како младинец. Низ својта кариера има настапувано и за Борец, Бутел, Јуниор КВ, Тиквеш, Голден Арт.
Солев ќе го чува голот на Пролет заедно со Дакалоски и Трајков, а минатата сезона беше дел од Борец.
Давитковски е искусен десен бек кој пред две години настапуваше за Пролет, по што продолжи во Бутел, но сега одново се враќа во екипата на Пролет. Од клубот си заминаа пивотот Стефан Атанасовски и голманот Андреј Петковски.
Новата сезона екипата на Пролет ја отвара против Тиквеш.
Александар Ванев, М-Нет