Не е точно тврдењето на државниот обвинител Савески дека предметот „Талир 2“ ќе беше во мое надлежно постапување доколку не поднесов оставка, вели поранешната обвинителка, Ленче Ристоска.
Таа појаснува дека како обвинител за врски, согласно член 5 од Правилникот за предлагање и упатување на јавен обвинител за врски на Република Северна Македонија во Европравда, по правило можела да постапува по предмети регистрирани и во надлежност на Канцеларијата за врски, а по исклучок, врз основа на одлука на државниот јавен обвинител, и по предмети по кои претходно постапувала.
„Предметот ‘Талир 2’ не е предмет во надлежност на Канцеларијата за врски — во него постапував токму по тој исклучок, врз основа на одлука на државниот јавен обвинител. Со повлекувањето на тоа овластување отпадна и правниот основ по кој постапував во овој предмет. Оваа информација му беше соопштена на обвинителот Савески лично од мене, на состанок пред да ја поднесам оставката. Лично го известив и дека доколку ги повлече овластувањата по предметите по кои постапувам, ќе следи мојата оставка, а ги објаснив и причините за таквата одлука“, вели Ристоска.
Таа додава дека оставката била последица на одземањето на основот да ги работи предметите.
„Така што, неспорно е дека мојата оставка беше моја одлука — но таа, меѓу другото, беше последица на одземањето на основот да ги работам предметите“, вели Ристоска.
Текстот Ристоска: Не е точно тврдењето на Савески дека предметот „Талир 2“ ќе беше во моја надлежност е превземен од МАКФАКС.