Реми без голови на Брегалница и Македонија ЃП, Саса ја продолжува длабоката резултатска криза, Башкими загуби во Кочани, Арсими до бод во Радовиш!

26-тата рунда на Втората македонска фудбалска лига не направи промени на табелата, но ја разгоре битката за директен влез во Прва лига.

Дербито на колото се играше во Штип каде Брегалница и Македонија ЃП ремизираа играјќи без голови (0:0). Резултат кој повеќе му одговара на тимот од Ѓорче, бидејќи Башкими загуби, а пак Арсими одигра нерешено во Радовиш, па со тоа „лавовите“ на Бобан Грнчаров се осамени на врвот од табелата.

„Натпреварот беше доста тензичен имаше голем влог, им бегаме пет бодови на Брегалница имаме доста бодовна разлика од нив, но од Башкими и Арсими не. На почетокот првите 15 до 20 минути Брегалница изгледаше многу подобро на теренот, потоа ние почнавме да играме подобро до 45 минути во прво полувреме бевме доста подобри направивме две три ситуации за гол. Не реализиравме ниту они ниту ние, потоа пак исто во второто полувреме пак почнавме малку полошо во првите минути и на крај мислам дека тие две три контри можевме да завршиме и со победа. Овој бод ни е одличен пред натпревар никогаш како екипа и како тренер не сакам екипата да игра на нерешено, тек кога ги видов резултатите кога ми кажаа дека Башкими губи, а Арсими играл нерешено тогаш на крајот бев задоволен и со нерешено. Многу среќа и посакувам на Брегалница, со нив сакам да имаме добри односи се надевам тоа што го сакаат да го направат“, рече тренертот на Македонија ЃП, Бобан Грнчаров во изјава за М Нет телевизија.

Оваа рунда донесе уште два натпревари кои завршија без погодоци, така беше и во Радовиш каде Детонит Плачковица го пречека Арсими, каде исходот беше поделба на бодовите. Каменица Саса одигра нерешено без голови против Новаци, но „рударите“ ја продолжуваат длабоката резултатска криза и веќе заборавија да победуваат. Саса има четири последователни порази и едно реми на последните пет меча, а пак Новаци е во позитивна серија резултати.

Победа триумфираше во самиот финиш од мечот во Богданци откако со голот на Димоски прилепчани беа минимално подобри од Вардарски со 0:1.

До минимална победа од 1:0 дојде и екипата на Вардар Неготино која славеше над Борец со што велешани заедно со екипата на Вардарски се пакуваат за Трета лига.

Осогово преку разиграниот Владимир Жоглев дојде до победа над Башкими од 1:0 на домашен терен со што „жетварите“ забележаа победа која им е важна за да го сочуваат бараж местото за опстанок, но со оглед на тоа дека во игра се 12 бодови тимот на Крсте Крстев и натаму е во игра за директен опстанок, иако тоа реално ќе биде многу тешко.

Охрид со 1:2 триумфираше над Скопје во Автокоманда, а пак во Гевгелија немаше победник екипите на Кожуф и Беласица ремизираа играјќи 1:1.

Македонија ЃП е прва со 57 бодови, Башкими е втор со 56 бодови, а пак Арсими е трет или во бараж зоната со 55 бодови, додека пак Брегалница е четврта со 52 бодови. Овие четири екипи ќе ја водат трката до крај за тоа кои две екипи да обезбедат директен влез во Прва лига, која екипа да игра бараж за Прва лига, а која екипа ќе извиси и со тоа ќе остане во Втора лига и следната сезона.

Александар Ванев, М-Нет