Ревакцина со „Астра зенека“ утре ќе се одвива во салата „Јордан Мијалков“ во Штип

Денеска во салата „Јордан Мијалов“ во Штип ситуацијата беше релативно стабилна, бидејќи на столче за вакцина седнаа само околу 200 граѓани кои имаа закажано термин. Равакцина немаше, немаше ниту гужва. Откако пристигна новата пратка на вакцини од производителот Фајзер од утре продолжува процесот на имунизација. Воедно, утре ќе се врши и ревакцина со „Астра зенека“ на повозрасното население. Доктор Дијана Коцева Миланова информираше дека и ревакцината ќе се одвива во просториите на салата Јордан Мијалков во Штип.

Процесот на имунизација се одвиваше и во вакциналниот пункт во Кочани. Се вакцинираше со вакцините на синовак кој во неделата пристигнаа во Кочани, и како што истакна Директорот на кочанската Општа болница, Александар Серафимов за сите закажани пациенти има доволно вакцини. Тој исто така посочи да се почитуваат термините и да не се создава непотребно гужва пред вакциналниот пункт.

Во меѓувреме од Министерството за здравство информираат дека вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Вкупно се аплицирани 482.058 дози вакцини, а ревакцинирани се 203.856 граѓани. Со последните бројки 50% од населението над 70 години ,45% од населението над 65 години, 38% од населението над 60 години имаат примено барем една доза вакцина.

Воедно министерот за здравство Венко Филипче очекува до летото да се постигне колективен имунитет.

Според планот за имунизација, како што посочи министерот, дневно ќе се вакцнираат од 15.000 до 20.000 граѓани, со оглед на тоа што се очекува викендов да пристигне значајна количина на вакцини – 500.000 кинески дози од „Синовак“, како и значителна количина на Фајзер преку механизмот Ковакс.

Лаура Стојанова М-Нет