Ракометно „езерско дерби“ во Охрид, Радовиш како домаќин во Прилеп

ФОТО: Александар Ванев, М Нет телевизија

Со натпреварите од денешното 16. коло ќе заврши есенскиот дел од ракометната Суперлига, а ракометните возбудувања во елита на Македонија ќе продолжат кон почетокот од месец февруари.

Радовиш поради реконструкцијата на спортската сала наместо на домашен терен против Прилеп како домаќин ќе игра токму во Прилеп, што значи прилепчани на овој меч против „фенерџијата“ ќе бидат само формални гости, а ќе ја имаат и улогата на фаворити на овој меч.

Вардар ќе се соочи со Бутел во последниот меч за 2024 во Суперлигата, а пак лидерот Алкалоид во Автокоманда ќе го пречека тимот на Тиквеш.

Оваа рунда го носи и „езерското дерби“ меѓу Охрид и Струга, кое се игра во „Билјанини Извори“ каде „гладијаторите“ ќе бидат фаворити.

Дерби од дното ќе играат Куманово и Бисинов од Велес во дуел каде и двете екипи посакуваат триумф, а Пролет на домашен терен ќе има тежок меч против шампионот Еурофарм Пелистер.

Александар Ванев, М-Нет