Радовиш се засили со Илија Табаков, Струга ја продолжи соработката со Мечкароски и Савески

ФОТО: Александар Ванев

Екипата на Струга продолжува да го комплетира ростерот за новата натпреварувачка сезона во ракометната Суперлига на Македонија. Клубот кој минатата сезона преку бараж го избори опстанокот во елитата со уште двајца ракометари ја продолжија соработката за новата сезона.

Станува збор за стружаните Филип Мечкароски и Бобан Савески кои ја продолжија верноста со Струга и за следната сезона.

Струга претходно ја продолжи соработката со Филип Пајкоски, Филип Талевски, Дамјан Тутенкоски и Војо Кљеноски, а се засили со голманот Александар Ѓурѓевиќ и десниот бек Габриел Гуедеш.

Во следниот период ќе треба да следи промоцијата на новиот тренер во редовите на Струга, откако стратегот Наум Танески кој ја водеше Струга минатата сезона и избори опстанок преку бараж се раздели и седна на тренерското столе на Прилеп.

Ракометниот клуб Радовиш за новата сезона се засили со Илија Табаков, кој е најново име во клубот, а се работи за млад и талентиран ракометар, кој настапува на позицијата лев бек.

Тој доаѓа од редовите на Борец ФЛ од Велес, каде настапуваше минатата сезона, а со Радовиш се договори на соработка од една година.

Велешанецот има свои настапи и за Бутел Скопје, а беше и на поширокиот список на кадетската репрезентација на Македонија.

Новата сезона во Суперлигата ќе започне на 6 септември.

Александар Ванев, М-Нет