
Средношколците кои учат во Штипското медицинско училиште, а се сместени во Државниот студентски дом „Браќа Миладиновци“ имаат просек повисок од 4,00. Ова, според директорот, Јордан Насев, се должи прво на заложбата на учениците, но и на работата на шесте воспитувачи кои со нив работат во рамки на Државниот студентски дом. Просекот се однесува на околу 65 ученика кои се со живеалиште надвор од Штип, а во моментов се сместени во Студентскиот дом и учат во СОУ „Јане Сандански“.
„Ние како Студентски дом покрај тоа што вршиме сместување и грижа за здравјето на студентите, за учениците имаме и посебна служба – служба на воспитувачи. Во моментов имаме шест воспитувачи, кои се лица – професори по одделенска настава, коишто можат да предаваат во средните училишта. Средношколците се под постојан 24-часовен надзор на овие воспитувачи. Кога имаме деца во домот, тие заедно со децата работат во три смени и целото време на овие деца е исполнето под надзор и, нормално, со помош на овие воспитувачи ги следат активностите во училиштата, но и воннаставните програми, во тоа им помагаат самите воспитувачи“, вели Насев.
Најголем дел од средношколците кои се сместени во Студентскиот дом учат во ова училиште, но има и во Музичкото училиште, Спортската академија и други училишта во градот под Исарот. Учениците најчесто се од Источниот и Југоисточниот Регион, но има и од Прилеп, Битола, Куманово. Вкупната бројка на сместени во моментов е околу 190.
„Најголем дел од учениците се во Медицинското училиште, можеби, повеќе од 35% или околу 65 – 70 ученика се таму. Исто така имаме околу 30 – 40 ученици во Музичкото училиште, потоа во Спортската академија, коишто имаат предност пред сите ученици во однос на вселувањето во Државниот студентски дом, па и во другите училишта во Штип“, додава Насев.
Инаку, поради тоа што средното образование е задолжително, трошоците за сместувањето во Студентскиот дом за средношколците целосно ги покрива Министерството за образование и наука. Во рамки на тоа средношколците добиваат и три оброка, појадок, ручек и вечера.
Ребека Спасова М-Нет