Проект е нов шампион во Првата футсал лига, Мал Ајакс од Штип пред испаѓање во Втора лига!

На четири кола до крајот екипата на Проект синоќа со победата од 2:6 над Кеги Моби во Велес и официјално стана нов шампион во Првата футсал лига на Македонија.

По двете шампионски титули на Форца, сега тимот од Јосифово ја враќа шампионската титула во своите витрини и со тоа Проект ќе биде наш претставник во квалификациите за Лигата на шампионите.

Проект низ овие 14 одиграни кола има толку победи со максимален ефект, а до крајот сака уште четири победи за кои извесно е и дека ќе ги има, а фокусот се става и на Купот на Македонија, каде тимот од Јосифово сака да го освои и Купот и со тоа да ја има двојната круна.

Екипата на Мал Ајакс ремизираше со Клими на домашен терен во Штип играјќи 3:3 резултат со кој и натаму виси опстанокот на штипјани во Првата лига, а ќе биде тешко да се обезбеди истиот, што многу веројатно ќе значи дека штипјани експресно ќе се вратат во Втора лига, заедно со Балкан кој пак загуби од Шкупи со 5:6.

Иса Дурмишов беше двоен стрелец за Мал Ајакс, а еднаш погоди Теодор Наков, за гостинот Давид Крстески беше двоен стрелец, а еднаш погоди Кирче Крстевски.

Јувентус Серава и Осогово си ги поделија бодовите играјќи 2:2 за потврда на опстанокот и на двете екипи.

Вечерва ќе се одигра мечот меѓу Форца и Бутел, со што ќе се затвори 14. коло на Првата футсал лига.

Балкан е на дното од табелата со девет бодови, Мал Ајакс е претпоследен, а штипјани имаат 10 бодови, Осогово со пет бодови повеќе е на осмото место, а пак Јувентус Серава е седми со 16 бодови. На врвот е Проект со максимални 42 бодови, Кеги Моби е втор со 29 бодови.

Александар Ванев, М-Нет