
Пробиштипјани даваат поддршка на проектот со кој треба да се реши проблемот со јаловишната депонија. Потсетуваат дека тоа е една од најгорчливите жешки еколошки точки во Македонија, со која не можат да се справат повеќе децении. Живеат со опасните материи, а состојбата е најлоша кога дува ветер и ја носи прашината од јаловиштето кон градот или кон селата, во зависност од правецот од каде дува.
А градоначалникот на Општина Пробиштип, Драган Анастасов, неодамна посочи и дека граѓаните во септември ќе имаат можност на јавна расправа да го видат предлог-решението за најгорчливиот проблем. Тој додаде дека постапката е пролонгирана поради решавање на административно-правни работи, а решението е подготвено со сите засегнати институции и заложба на врвни професори од Рударско-геолошкиот факултет.
„На седница на Совет мнозинството советници одлучи да одиме со една постапка, односно пролонгирање за решавање на овој проблем. Со оглед на тоа што Пробиштип има стар Генерален урбанистички план, кој е изработен 1997 година, на оваа површина нема ставено никаква намена. Општина Пробиштип претходно донесе два детални урбанистички плана и сега заедно со Министерството за транспорт и врски, како и планерска куќа, работиме на постапка за намена во ГУП на оваа површина од 40 хектари“, истакна Анастасов.
Инаку, оваа жешка еколошка точка, која е меѓу 16 најгорливи, е создадена како резултат на децениското работење на рудникот за олово и цинк „Злетово“. Во старото хидројаловиште од овој рудник депонирани се околу 12 милиони тони хидројаловина, што е еквивалентно на околу 6 милиони метри кубни преполни со тешки метали.
Ребека Спасова М-Нет