
Добар расад, голема желба и многу вода е потребно за квалитет лешник. Ацо Станков од карбинско Црвуљево пред седум години започнува да одгледува лешници заедно со неговото семејство. На површина од шест декари сади лешници, кои бараат вода, работа и погодена клима.
„Потребно е расад да имаш добар и да чекаш после три години да роде ако се добро наводнува, ако не без вода нема лешници. Еден лешник годишно бара 300 до 350 литри вода, потребна е и работа. На сите треба да има јамка, со цистерна вадеме, на седум дена се вадат. “ – вели Станков.
Крајот на месец август и почетокот на септември е периодот кога лешникот се бере. Го посетивме семејството Станкови кога впрочем лешниците се чистеа и се подготвуваа за сушење. Работа има многу, исплатливост едвај.
„Сега е период кога се бере лешникот. Кога ќе се исчисте се суши и зимен период се преработува. Потоа се кршат и се продаваат.“ – вели Станков.
Проблем годинава се временските услови кои родот го намалија за половина. Годината е катастрофална вели Станков, не само за лешникот туку за сите земјоделски култури.
Лешникот се продава, вели за тоа проблеми нема оти е квалитетен и се бара. Цената е прилагодена да одговара на џебот на купувачите, иако за одгледувачите е далеку од добра.
Лаура Стојанова М-Нет