Приказната на Невенка Митева преку фотографиите на тема „Мојот црно – бел свет“

„Мојот црно – бел свет“ е темата на изложените фотографии од Невенка Митева, под менторство на Маја Рамона Крстевска. За фотографиите велат дека заедно ги работеле со многу љубов и труд, со што се вистински одраз на афинитетите на Невенка. Фотографијата како љубов уште од рани години, сега веќе е хоби кое е во постојан развој, со желба да биде реализирано на уште попрофесионално ниво.

„Пред сѐ, кога гледаме една фотографија, важно е во секоја од нив да пронајдеме некаква приказна. Тоа го пронајдовме во овие фотографии и искуството не можам да го опишам затоа што е посебно и уникатно. Својот личен став го има изразено во овие фотографии и се надевам дека оваа изложба нема да биде прва и последна, туку дека ќе има уште изложби во иднина“, истакна менторката, Маја Рамона Крстевска.

„Изложените фотографии се сликани со мобилен телефон. Овие слики ги сликав цела година во дневниот центар. Фотографијата сакам уште од петто одделение, па до денес и сакам да си купам апарат за фотографирање“, вели Невенка.

Невенка е корисник на дневниот центар „ПОРАКА“, па претседателката на истиот вели дека не само кај неа, туку и кај останатите корисници има вакви или слични таленти. Сите корисници ги прифаќаат иницијативите и со задоволство учествуваат не само во изложби, туку и во други активности.

„Со оглед на нивните афинитети, организираме почесто изложби, настани, екскурзии, читање поезија, посета на многу институции во Штип. Имаме ученици кои свират или читаат поезија, имаме многу изложби и од другите корисници, не е само денешната“, додава претседателката, Лилјана Крстевска.

Таа додаде дека тие како Центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост, се трудат да овозможат реализација на активности, но имаат поддршка и од Регионалниот центар, како и од Локалната самоуправа.

„Да им укажеме поддршка и честитки на изложените дела и креациите на лицата со попреченост. Локалната самоуправа овој ден, 3 декември, традиционално го има вметнато во својата програма и секоја година градочалникот посетува повеќе центри. Тоа се: Центарот во основното училиште „Ванчо Прќе“, Центарот во детската установа „Искра“, Центарот за лица со попреченост и Центарот за аутизам. Во таа прилика Општина Штип дава помош во однос на парични средства, но и материјали согласно со нивните потреби, тоа се школски прибор, дидактички материјал, ортопедски помагала, технички средства, компјутерска опрема“, напомена Тоше Ристов, раководител на одделението за јавни служби при Општина Штип.

Настанот се одржа во Домот на млади Штип во склоп на активностите по повод 3 Декември – Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби. По тој повод планирани се и други активности, а учесниците и организаторите се со иницијатива и за понатамошна реализација и имплементација на идеи.

Ребека Спасова МНет