Приведени уште двајца доктори, се проширува истрагата за ботоксите

Во рамките на истражната постапка што ја води Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, а која се однесува на организирана криминална група инволвирана во нелегален увоз, дистрибуција и апликација на медицински лекови и медицински помагала, во текот на вчерашниот ден беа реализирани претреси на пет локации во Скопје, меѓу нив и на две здравствени установи. При тоа, се приведени три лица, од кои двајца доктори.

„Врз основа на прибраниот доказен материјал, јавниот обвинител донесе Наредба за спроведување истражна постапка против четири лица. Тројца осомничени се товарат за кривичните дела „злосторничко здружување“ и „повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“, додека едно лице е осомничено за кривичното дело „повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма““, соопшти Обвинителството.

По предлог на надлежниот јавен обвинител, на сите четворица осомничени Основниот кривичен суд Скопје им определи мерки на претпазливост.

Предметот е оформен во април годинава кога беше отворена истрага против 17 физички и шест правни лица за кои постои основано сомневање дека се инволвирани во извршување на кривичните дела „злосторничко здружување“, „повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“ и „примање поткуп“.

Од Обвинителството наведуваат дека истрагата продолжува во насока на целосно расчистување на сите околности на случајот и утврдување на евентуална инволвираност и на други лица.

 

фото/Depositphotos

Текстот Приведени уште двајца доктори, се проширува истрагата за ботоксите е превземен од МАКФАКС.