Претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини и Градоначалникот на Штип, Сашко Николов на камен – темелник за новата западна трибина на „градски“ во Штип

На западната трибина на градскиот стадион во Штип од утре и официјално ќе започнат градежните работи со што конечно ќе се дојде до толку очекуваното ново руво на штипскиот стадион. За таа цел ќе се одржи свечен церемонијал на поставување на камен – темелник на кој церемонијал ќе присуствуваат претседателот на ФФМ Муамед Сејдини со свои соработници и Градоначалникот на Општина Штип Сашко Николов со своите соработници. Изградбата на западната трибина е дел од хет – трик програмата на ФФМ во соработка со УЕФА со која се подобруват условите за одржување на фудбалски натпревари, како за играчите на теренот така и за гледачите на трибините. Екипа на Мнет ТВ неодамна беше во Скопје и во ексклузивното интервју, претседателот на ФФМ Муамед Сејдини нагласи дека тие како федерација ќе ја изградат западната трибина, источната трибина ќе биде задача на локалната самоуправа а тогаш ФФМ со свои средства ќе ја финансира целокупната доградба на полукружните трибини за нивно спојување и дефинитивно обликување. Церемонијалот за поставување на Камен – темелник ќе се одржи утре, петок со почеток во 13.30 часот на градскиот стадион во Штип.

Драги Герасимов – Пушка Mnet.mk