Преспа пред сериозен испит против Новаци, Скопје како голем фаворит против Вардар Неготино, Саса цели на три бода!

Со седум натпревар в сабота и еден в недела ќе се одигра седмото коло од Втората лига. Ова рунда носи интересни натпревари, неизвесни дуели кои ќе направат да има голема борба на фудбалските терени за трите бодови.

Така ќе биде во Ресен каде екипата на Преспа ќе биде пред голем и сериозен испит за трите бодови против одличниот Новаци. Преспа е во резултатска криза, а трите бодови се повеќе од потребни со цел второлигашот од Ресен да биде конкуретен во трката за опстанок. Од друга страна, Новаци е во одлична форма, а со триумф тимот ќе може да прогреси на табелата и до неколку позиции, но во зависност од резултатите на другите екипи.

Каменица Саса на домашен терен ќе цели кон своето второ сезонско славје, а три бодови ќе бара против Тетекс. Двете екипи имаат по шест бодови на своето конто, но се наоѓаат во бараж зоната односно го делат десеттото место.

Саса не е во формата во која беше во минатата сезона, имаше можност и за подобри резултати особено со ремито во Прилеп против Победа, а од друга страна Тетекс на гостински терен има три порази и нема бод, па за „штофарите“ ќе биде уште еден тежок меч.

Детонит Плачковица во улога на фаворит ќе игра на домашен терен против Победа од Прилеп. Гостинот е во очајна форма и ситуација, а тоа е уште една предност за домаќинот, кој влезе во одлична победничка форма со серија позитивни резултати.

Трите бодови ќе бидат императив за двете страни, а три бодови на контото на Детонит Плачковица ќе значи и можен прогрес и до четвртата позиција. Прилепчани силно ќе бараат позитивен исход, па макар тоа било и бод.

Вардар Неготино го очекува повеќе од тешко гостување на Автокоманда против големиот фаворит Скопје. „Пиратите“ само три бодови гледат како опција со цел да продолжат да го напаѓаат врвот, а тимот од Неготино ќе мора да биде максимално подготвен за било какво изненадување.

Големо Коњари дури во седмиот меч ќе бара бодови, на свој терен ќе се соочи со разиграниот Кожуф, а повеќе од сигурно е дека тимот од Гевгелија ќе допатува како голем фаворит за трите бодови.

Дербито во Виница меѓу Слога и Осогово, кој ќе го следите во живо на М Нет телевизија ќе биде дерби каде тимот на Слога кој го води Емил Грнев ќе бара триумф за излез од резултатската криза, а пак Осогово предводен од Крсте Крстев со победа ќе чекори кон зацврстување во средината од табелата.

Преносот од Виница на М Нет телевизија ќе започне во сабота од 15 часот.

Седмото коло го носи и дербито меѓу Охрид и Брегалница, соочување на две екипи кои целат кон влез во Прва лига, па соочување на „Билјанини Извори“ ќе биде вистински тест за нивната подготвеност. Охрид со триумф ќе биде сериозно вмешан во врвот, а пак доколку „сините“ на искусниот Влатко Костов забележат триумф ќе бидат чекор поблиску до титула есенски шампион.

Седмата рунда се затвара во недела со дербито на Беласица и Шкендија Арачиново кое се игра во вечерен термин на стадионот „Благој Истатов“ во Струмица во директна пресметка за трите бодови.

Беласица на домашен терен ќе има силен противник, кој исто така пројавува амбиции за висок пласман и да ги напаѓа позициите за Прва лига, а пак гостинот од Арачиново ќе сака да се докаже уште еднаш дека има квалитет и дека резултатите не се случајни.

Овој натпревар исто така ќе можете да го следите во живо на М Нет телевизија в недела од 18:30 часот.

Александар Ванев, М-Нет