Македонија има нов државен шампион во „Катан“ – Иво Бару, филмски режисер и познато име во македонската гејминг-заедница, кој во ноември ќе ја претставува земјава на Европското првенство во Португалија.
За оние што досега не се сретнале со „Катан“ – станува збор за една од најпознатите стратешки друштвени игри во светот, во која играчите собираат и разменуваат ресурси, градат населби, градови и патишта и се натпреваруваат кој прв ќе стигне до победничките десет поени.
Викендов во Скопје, во новоотворениот простор за друштвени игри „Рулбук“, 64 играчи се натпреваруваа за титулата државен првак. Турнирот повторно беше организиран од „Гоблин Друштвени Игри“, а по повеќе од десет часа трговија и борба за секој поен, титулата ја освои Бару.
Во интервју за „Макфакс“ разговаравме со него за стратегијата што го однесе до победата, финалната партија, подготовките и предизвикот што го очекува на Европското првенство.
Иво Бару – државен првак во „Катан“ 2026 . Фото: „Гоблин Гејмс“/Фејсбук
1. Ова не ви е прво финале на Државното првенство, но е прва титула. Што беше различно сега и што мислите дека пресуди за победата?
ИБ: Неколку фактори. Прво, играв многу посмирено овој пат. Сум имал можност да стигнам во две финалиња минатите години и да се натпреварувам за првото место, па, претпоставувам дека искуството си го направи своето. На турнирот му пристапив како на игра и гледав да уживам во процесот. Да останеш смирен, особено во финалето, е голема психолошка предност.
Второ, учам од грешките. Во првото финале пред три години имав голема предност од старт, со што го привлеков вниманието на себе и на крај победи друг играч за кој никој не очекуваше. Ова ми беше лекција не само во играта, туку и во животот.
„Катан“ е психолошка и дипломатска игра. Многу од играчите го занемаруваат фактот дека преку разговор во текот на играта, можеш да влијаеш на партијата. Преку анализа на изиграни партии, сфатив дека не победува тој што само најдобро ја владее играта или тој што има предност, туку тој што знае да процени кога е момент да бидеш во позадина, а кога да избиеш напред и тој што успева преку муабет-дипломатија да влијае на одлуките кои ги носат останатите играчи.
Плус, на турнирот отидов релаксиран и без посебни очекувања. За мене, со тоа што имаме Државно првенство и што ќе имаме учесник што ќе ја претставува Македонија на Европското првенство во Катан, целта е веќе остварена, и затоа пред секој турнир, на организаторот на првенството (Скар од „Гоблин“), му велам: „Ќе дојдам како подножичка. Ако се појават сите пријавени, нема да играм. Ако некој не дојде, ќе го пополнам неговото место.“ Односот кон Државното првенство ми е таков бидејќи како иницијатор за воопшто да постои ваков настан, го чуствувам како блиско и свое.
2. Како изгледаше финалната партија? Имаше ли момент кога мислевте дека победата ви се оддалечува или, обратно, кога почувствувавте дека можете да станете шампион?
ИБ: Играта е динамична, стратегиска, но непредвидлива, така што секогаш може да сврти во туѓа корист. Сите имаме и понекој џокер во ракав. Тоа се неколку скриени карти од кои противникот не знае што да очекува. Затоа те држи под константна тензија, што е и карактеристично за „Катан“. Финалето беше толку тензично, што во еден момент забележав како на еден од противниците му се тресеа рацете.
На почетокот на партијата имав добра поставеност, што е база за добра партија, што ми овозможуваше да генерирам ресусри и брзо да се развивам. Но, гледав да го забавам растот за да не излезам премногу брзо во предност пред останатите играчи. Во самата игра има еден механизам, крадецот (тие што ја играле знаат што зборувам), кој е смислен за да го казни тој што има предност во партијата. Затоа, клучно е да им бидеш под радарот на другите играчи до пред самиот крај на партијата. Додека тие се окупирани еден со друг, ти само го чекаш својот момент за победа. Добрата поставеност и неколкуте скриени карти ми овозможи на крај да го свртам резултатот во своја корист.
Државно првенство во „Катан“ – фото: „Гоблин гејмс“/Фејсбук
3. Која партија во текот на повеќе од десет часа натпреварување ви беше најтешка и зошто?
ИБ: Почнав лошо. Првата партија бев последно (четврто) место. Бидејќи системот на турнирот е првично да се играат три партии, единствено што ми преостануваше за пласман во полуфинале е да победам во следните партии. Што на крај и се случи, па успеав низ иглени уши да се квалификувам во полуфиналето, каде што ја имав и најтешката партија. Нивото на играчите на „Катан“ е далеку повисоко во однос на првиот турнир пред три години. Тука наидов на одличен играч кој многу вешто манипулираше со зборови. На моменти се добиваше впечаток дека тој и уште еден играч креираат алијанса и си помагаат еден на друг. Како одговор, јас и четвртиот играч, бевме приморени да соработуваме за да им парираме, за на крај да успеам целата ситуација да ја свртам во моја корист за победа и пласман во финале. Тешки се ваквите ситуации, но тие се дел од играта. Си викам да го прочитам Макијавели за припремите пред Европското првенство
4. Колку во „Катан“ одлучува стратегијата, а колку среќата со коцките и поставеноста на таблата, односно редоследот на позиционирање?
ИБ: Многу посветени играчи не ја сакаат „Катан“, баш заради коцките. Но, мислам дека како што повеќе навлегуваш во играта, сваќаш дека има елементи кои ти дозволуваат да ја митигираш среќата. Како што спомна и ти, на прво место е почетното позиционирање на мапата. Следно е пазарењето. Добри зделки (трејдови), можат да ја насочат партијата во твоја полза. А потоа доаѓаат два елементи кои ретко се спомнуваат, а се исклучиво важни. Преку дипломатијата и убедување влијаеш на одлуките што другите играчи ги носат, а преку задржувањето на својот раст во добар дел од играта, го одвлекуваш вниманието од себе. Тактиките се учат, но социјална интелигенција и трпение е она што може да ти ја неопходната предност пред другите.
Државно првенство во „Катан“ – фото: „Гоблин гејмс“/Фејсбук
5. Како започнавте да играте „Катан“ и кога играњето од дружење прерасна во натпреварување?
ИБ: Виновник за тоа е мојот кум, Васко Цацаноски, кој ми научи „Катан“ пред 15-тина години. Како дете сум играл „Монопол“, а потоа во студентските денови „Ризик“, но по првата партија „Катан“ како да ми се отвори нов свет на можности. Комплексност во мислата, маневрирање со различни механики, богатство на теми, тоа беше моментот кога сфатив дека друштвените игри носат логика и длабочина и отвораат нови светови за истражување. Продолжив да ја следам новата пасија играјќи лесни игри како „Каркасон“, „Пуерто рико“ и „Тикет ту рајд“, за со време да стигнам до екстремно тешки игри како „A Feast for Odin“, „Gaya Project“ или „Barrage“, на кои ти чади мозокот, буквално.
Клучна пресвртница ми беше победата на турнирот во „Тикет ту рајд“ пред 5 години на „Гејм фест“ во Сити Мол. Тоа беше моментот кога почнав на овој феномен да гледам пошироко, односно, активно да се посветам на креирање на борд гејм заедница во Македонија. Покрај организирање на турнири, пред неколку години почнав да ги организирам „Саботите во Буква“, каде што било кој играч беше добродојден да игра со нас. Преку „Буква“ запознав една поголема група на посветени играчи, со кои играм и ден денес и конечно можам да речам дека сум борд гејм мега цар (се смее).
6. Како изгледа подготовката за едно државно првенство во „Катан“? Може ли воопшто да се тренира за ваков турнир?
ИБ: Морам да признаам дека не се подготвував. Успеав да изиграм само една партија на отворениот настан за „Катан“ што се одржа неколку дена претходно во „Рулбук“. Сепак, Катан е како шахот, не се заборава.
Државно првенство во „Катан“ – фото: „Гоблин гејмс“/Фејсбук
7. Кога сфативте дека друштвените игри веќе не се само хоби, туку нешто со што сакате и професионално да се занимавате?
Во други животни фази, кога професионалните фокуси ми беа кон работата на филм, како дипломиран филмски режисер на Филмската академија во Букурешт, работата на Интернационалниот фестивал за филмска камера „Браќа Манаки“, потоа еден важен период од животот кога развивме сопствен бизниз за органска храна преку Задруга „Добра земја“, како и сите ангажмани поврзани со активизмот… друштвените игри ми беа само спорадично хоби. Со текот на времето ми станаа голема пасија, што придонесе моите професионални интереси се повеќе да се насочуваат во тој правец – па стигнав хобито да го претворам во работа, најпрво во развивање на друштвени игри во „Аркона гејмс“, а сега во новото борд гејм кафе во Скопје „Рулбук“.
8. Во ноември ќе ја претставувате Македонија на Европското првенство во Португалија. Дали ќе се подготвувате поинаку за европската конкуренција?
ИБ: Сакам да речам 100%, ама се плашам да не биде исто како со подготовките пред Државното првенство. Затоа ќе речам дека ќе се обидам да изиграм и анализирам неколу партии со кумот Васко, според мене најдобриот играч на „Катан“ во земјава. Штета што и тој не стигна во финалето, поради неферско играње на двајца играчи кои си помагаа еден на друг со нечесно пазарење. Давид, дечкото што не претставуваше на последното Светско првенство се понуди да ми помогне во подготовките, па планирам да го контактирам и него. А би сакал и дечкото од полуфиналето да се вклучи во екипата.
Државно првенство во „Катан“ – фото: „Гоблин гејмс“/Фејсбук
9. Што би му препорачале на некој што редовно игра „Катан“, но сака да премине од добар играч во друштвото во натпреварувачки играч?
ИБ: Да излезе од својата група. Лесно е да бидеш најдобар во една затворена група, но така не можеш да просперираш. Всушност, како и во животот, секоја промена на средина и излегување од комфорната зона е момент за раст. Еве како прв чекор, нека дојде во „Рукбук“ да играме заедно.
Текстот Преку разговор во текот на играта можеш да влијаеш на партијата – дипломатијата и трпението носат победа, рече Иво Бару, државниот првак во „Катан“ е превземен од МАКФАКС.