Прво славје за ракометарките на Астибо – во Штип совладан Пелистер

Ракометарките на Астибо го забележаа своето прво сезонско славје, откако во натпревар од 3. коло на Суперлигата славеа домашна победа над Пелистер со тесни 21:20.

Натпревар каде штипскиот тим имаше постојана предност на целиот меч. Пелистер имаше лошо прво полувреме во Штип, а во вториот дел се поправи и дојде до 20:20 во 54. минута од мечот, а до крајот беше постигнат само еден гол, искусната ракометарка Марија Анчева постигна гол за победа.

Токму Анчева беше и најдобра на средбата со осум погодоци, а од линијата за седум метри беше прецизна со четири од четири, а пак Анастасија Богоевска имаше пет реализации. Кај Пелистер се истакна Анастасија Тодоровска со осум реализации, а имаше три од три од седум метри.

Натпреварот меѓу Вардар и Спартак заврши со победа за домашниот тим од 29:26, со што Пелистер и Спартак остануваат единствените без победи.

Третата рунда ќе се затвори со останатите два натпревари, веќе утре Металург Автокоманда дома ќе игра со Куманово, а пак в среда Ѓорче Петров ќе се соочи со Чаир.

Александар Ванев, М-Нет