
Првообвинетиот Кадир Кара за убиството на турски државјанин на плоштадот во Штип денеска призна вина, додека останатите четири обвинети лица пред штипскиот Суд истакнаа дека не се чуваствуваат виновни. Одбраната побара судот да ги издвои обвинетите и постапката да продолжи понатаму.
„Првата работа е промената на судскиот совет, а втората важна работа е што првообвинетиот даде согласност за признавање на вина. Ова ја олесни постапката, а ние во говорните воведи останавме на четвртообвинетиот кој ќе се брани со одбрана.“ – вели Османов.
Со прифаќањето на вина на првообвинетиот се олеснува работата и на судот и на одбраната. Од одбарана очекуваат да се изрече поблага казна од законски предвидената. Првообвинетиот на денешното рочиште го образложи начинот на убиството додавајќи дека не било убиство со умисла.
„Целта на признавањето на вина е олеснителна околност и за судот и за одбраната. Ние очекуваме Судот да ни изрече поблага казна од предвидената. На самиот почеток од постапката ние тоа го најавивме дека беше убиство во миг, самиот обвинет даде образложение на кој начин е сторено убиството, дека не е со умисла, дека тој бил провоциран од страна на сега покојниот и во тој случај го прифати целото обвинение.“ – додава Османов.
На 8 мај годинава во угостителски објект на плоштадот Слобода во Штип беше убиен турски државјанин. По убиството обвинетиот со помош на останатите четири лица се обиде од Штип да отиде во Скопје, но беа фатени на наплатна рампа.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет