Православната црква го слави празникот Крстовден – ден на пост и покајание

Православната црква денес го слави празникот Воздвижение на светиот крст или уште познат како Крстовден. На празникот се слави крстот како симбол на воскресение и живот, а не како оружје за распнување. Уште се нарекува и Крстот животворен, поради тоа што Животодавецот беше распнат на него. Крстот е знак и на Воскресението, затоа што на него издивна Воскресителот Кој ја победи смртта.

„Во Западното Царство во Рим многу ги прогонува и мачи христијаните, па Константин му напишал писмо на својот совладетел Максенциј, барајќи од него да не се однесува така со христијаните, но тој почнал уште пожестоко да ги гони. Константин тргнал во битка со Максенциј, но се посомневал оти неговата војска била помала. Видел визија во која Бог му кажал дека преку крстот ќе го победи Максенциј“, објаснува свештеникот Добрица Јанев.

Поради благодарност кон Бог за добрите дела, Константин заминал во Ерусалим да го пронајде чесниот крст. Тоа е и мотивот на денешното празнување, пронаоѓањето на крстот и неговото воздвижување како симбол на победата преку Христос.

Крстовден е значаен празник од есенскиот циклус, кој е непроменлив и секогаш е на 27 септември. Крстовден е празник на пост, покајание и приближување кон Бог.

Ребека Спасова М-Нет