
Од утре ќе започне асфалтирањето на дел од улицата Раде Картовче во Кочани. Од општината известија дека ќе се асфалтира кракот позади основото училиште Раде Картовче до крстосницата која се спојува со улицата Питу Гули. Од таму посочуваат дека за безбедно и брзо извршување на градежните активности постребно е граѓаните да не паркираат возила на тој простор и да не се движат утре по наведната улица.
Оваа улица во ваква состојба стои речиси една година. Стариот асфалтен слој е изгребан, а нов никако да се постави. Граѓаните неколкупати реагираа до надлежните во врска со проблемот, но истиот не се реши. За градоначалникот на Општина Кочани Љупчо Папазов прашањето зошто улицата чека толку време за асфалт е сериозно, но конкретен одговор нема.
„Тоа е сериозно прашање, пред сѐ се работи за проект финансиран од светска банка преку Министерството за транспорт и врски и сметам дека многу брзо ќе имаме можност да ја видиме асфалтирана оваа улица.“
Во Кочани освен улицата Раде Картовче која е со изгребан асфалт и чека асфалтирање, за реконструкција чекаат и многу други улици, дел од нив кои сѐ уште ги нема во програмата на општината за реконструкција за оваа година. Реакција пристигна и од граѓаните од улиците Гоце Делчев, Христијан Карпош, Александар Македонски и Јане Сандански, но од општината нема конкретно одговор дали и кога истите ќе бидат реконструирани.
Лаура Стојанова М-Нет