
Денес во спортската сала „Софија Петровска“ во Пробиштип беше организиран настан во борење слободен стил со цел претставување на овој спорт. Борењето во овој град има голема традиција, претходно овој спорт негувал традиција од далечната 1975 година, па се до 2000-та година, а во овие 25 години градот останува без борењето .
Тренерите Здравко Коцев и Иле Петровски преку денешниот настан го претставија борењето како спорт пред младите и го формираат боречкиот клуб Пробиштип.
„Тука сме во сала „Софија Петровска“ во Пробиштип да организираме еден настан во борење слободен стил. Борењето во Пробиштип има голема традиција мислам дека клубот е формиран во 1975 година функционирал некаде до 2000 година, веќе околу 25 години нема борење во Пробиштип. Сега во интерес на градот во интерес на дечињата значи да ги воведеме во спорт. Јас и мојот колега од Штип ќе се потрудиме да го направи значи новиот клуб, да функционира и Пробиштип да има боречки клуб и да се натпреварува и да го претставуваме Пробиштип во државата и надвор од државата“, рече Петровски.
Пробиштип во минатото живееше за борењето, а после ова долга пауза од 25 години, се враќаат спомените и убавите моменти од златните времиња, кога салите биле полни со публика.
„За жал 25 години немаше во Пробиштип клуб, борењето давало од 1975 година до 2000 година многу спортисти, Пробиштип живееше за борењето, борењето беше многу популарен спорт, салите беа премали да ги прима љубителите на борењето се надевам дека јас и мојот колега Здравко Коцев, со кој ќе бидеме тренери на клубот ќе се трудеме значи борењето да го добие сјајот, кој го заслужува и ќе се трудиме од овие дечиња да направиме здрави личности, да направиме спортисти“, додава Петровски за М Нет телевизија.
На овој настан беа присутни и неколку млади борачи од боречкиот клуб Олимпија од Штип кои имаа неколку борби и тренинг со цел да може младите кои беа присутни во салата да се запознаат со овој спорт.
Како што вели Коцев за М Нет телевизија клубот ќе се вика Пробиштип, а градот важи за расадник на борачи.
„После 25 години ние се одваживме да се зафатиме за ова работа се надевам благородна да ги отргнеме деца од улиците, да ги направиме вистински спортисти. Клубот ќе се вика БК Пробиштип, после 25 години, а знаејќи како претходно функционираше клубот дека Пробиштип е расадник за борачи, се надеваме дека во иднина и градот и ние двајцата ќе бидеме презадоволни од самите спортисти и дека на градот ќе му донесеме одлични резултати“, вели Здравков за М Нет телевизија.
Голем е интересот кај младите за борењето, а Пробиштип за првпат ќе има и женско борење.
„Очигледно дека има интерес еве гледате и самите дека дојдоа повеќе дечиња од кои ние треба да селектираме, значи почнуваме од нула. Интересно е тоа што за првпат во Пробиштип ќе има и женско борење. Во светот веќе женското борење е многу популарно и се надеваме дека ќе успееме во тоа“, ни изјави Здравков.
Спортот во Пробиштип од денес станува побогат со борењето, а преку спортот младите се градат во правилни личности.
Александар Ванев, М-Нет