
Овој викенд се одиграа натпреварите од четврото коло на Првата ракометна лига на Македонија. Штипски Текстилец УГД Штип на домашен терен претрпе пораз од Македонија ЃП со резултат од 27:29.
За штипскиот тим најмногу се истакна Милисав Петров со шест гола, а пет реализации имаше Филип Џинес, за гостинскиот тим Стефан Нацев во девет гола беше најдобар.
Кичево и Аеродром ги поделија бодовите откако одиграа реми со резултат од 32:32, а пак Астраион дома загуби од Јехона со 32:35, со што двата бодови заминуваат во Гостивар.
Металург РА со 17:32 загуби од ланскиот суперлигаш Еурофарм Пелистер 2, во меч каде најдобар стрелец беше Стефан Дрогришки со осум гола.
Драчево на домашен терен со 25:31 претрпе пораз од екипата на Младост од Богданци, а пак ланскиот суперлигаш Скопје со 36:32 беше убедлив против Шампион. Висока и убедлива победа запише ланскиот суперлигаш Вардар Неготино кој со 40:29 го декласираше тимот на Преспа Вардар од Ресен во меч каде Мирослав Митревски беше најдобар за домашниот тим со 12 реализации, а пак кај гостинот најдобар беше Александар Филиповски со 11 гола.
Во однос на табелата во групата А Еурофарм Пелистер 2 е лидер кој има шест бодови колку што и Металург РА кој има меч повеќе од битолчани. Мулти Есенс и Јехона имаат по четири бода за делба на третото место, Кичево има три бодови и се наоѓа на петтото место, Овче Поле има два бода, Аеродром еден бод, а без бодови со три порази е Астраион.
Во групата Б лидер е Македонија ЃП со седум бодови, Скопје е втор со шест бодови, Драчево етрет со пет бода, по четири бода имаат Младост, Вардар Неготино и Шампион за делба на четвртото место. Два бода има Текстилец кој е претпоследен, а пак Партизан и Преспа Вардар се на дното без бодови.
Следниот викенд ќе се одиграат натпреварите од петтата рунда на Првата ракометна лига.
Александар Ванев, М-Нет