Поради недостаток на службено возило полицијата не реагирала на семејна драма во Каменица

Во вторникот во билтенот на СВР Штип беше регистриран физички напад на жена од нејзниот девер. Софија од М.Каменица е мајка на три малолетни дечиња, и како што истакна за нашата телевизија со страв живее и се движи во сопствената куќа, бидејќи често пати се наоѓа во ситуација да биде навредувана и да трпи закани од нејзиниот девер.

„Сега правам муабет за вторникот, се случи инцидентот, мојот девер не крена рака на мене ама вулгарен беше спрема мене, се караше викаше“ – кажа Софија Манасиева.

Настанот бил пријавен во Полициското одделение во Македонска Каменица. Меѓутоа со разни оправдувања и причини полициските службеници не дошле веднаш на местото на настанот, а безбедноста и заштита на 26 годишната Софија биле оставени да чекаат.

“ Му се јави на Командирот и му кажа да преземе мерки. Тие се јавија дури вечерта, а не дојдоа на лице место ниту да земат изјава, ниту да прашаат што се случило.“ – дополни Манасиева.

Откако полициските службеници не дошле на место на настанот, Софија сама отишла во Полициска станица во Македонска Каменица.

“Такси платив со мои пари, отидов таму и на крај ми велат службеното возило не може да оди горе бидејќи може да се расипе“ – истакна Софија.

Дали е направен пропуст од страна на Полициското одделение во Македонска Каменица, одговор побаравме од СВР Штип. Од таму ни одговорија дека случајот треба да се провери пред да се зборува.

„ Доколку поединец не е задоволен од работата на полициските службеници потребно е да се пријави во Одделот за внатрешна контрола, со цел да се испита настанот“ – одговорија од СВР Штип.

Лаура Стојанова М-Нет