Позната локацијата за изградба на типските куќи во Штип

Конечно позната новата локација за изградба на типските куќи во Општина Штип за семејства од социјален ризик. Првично проектот опфакаше 100 типски куќи, но потоа беше сведен на 47. Локацијата кај Мирјанина црква отпадна уште минатата година, но новата локација се чуваше во неизвесност. Новиот градоначалник на Општина Штип, Иван Јорданов денеска истакна дека најверојтно локација за изградба на типските куќи ќе биде кај месноста Черења во Штип, но сега се прави проценка на просторот, за до крајот на годината проектот да биде реализиран.

„Што се однесува до типските куќи кои се експлоатирани во минатото и се најавувани дека ќе бидат готови во минатото, проектот се спорведува согласно динамиката која е предвидена. Во овој момент ние направивме проценка каде треба да бидат стационирани овие типски куќи. Имаше неколку опции во оптег, сепак гледавме да бидат на локација каде ќе се вклопат со населението кое таму живее. Според првични информации овие куќи ќе бидат лоцирани кај месноста Черења“ – вели Јорданов.

Истовремено на денешната седница на Советот на Општина Штип се изгласа привремените бараки од 2000 година кои се лоцирани во Три чешми и на Радански пат да бидат под надлежност на Општина Штип. Тоа значи дека оптшината по 22 години конечно ќе може истите да ги додели на семејства со социјален ризик.

Во дел од овие бараки веќе се живее, друг дел во претстојниот период ќе бидат доделени за домување. Типските куќи пак ќе ги добијат граѓаните пред се оние кои сега живеат во Старото Нервно во Штип и кои имаат важечки документи и се жители на Општина Штип.

Лаура Стојанова М-Нет