
Вчерашниот пожар во Карбинци без покрив над глава го остави семејството Грабанакови, но и без важни документи, пари и лични предмети. Даринка која била во куќата кога избувнал пожарот со цела сила се обидувала да не му дозволи на истиот да се прошири, но безуспешно. Вели дека е среќа што полициските службеници и помогнале да таа и нејзиното семејство спасат жива глава.
„Кога почна пожарот, јас се обидував со мојата пумпа да го изгаснам, бидејќи јас имав доволно вода, но немаше струја. Јас немав со што да гасам. Почнав од надвор, имав вода во канти и кофи, ама ветерот беше страшна работа, сè се случуваше во секунди. Среќа дојдоа двајца полицајци и почнаа да ми помагаат. Јас кога видов дека нема вода, влегов во кујната да наполнам, ама секаде имаше чад. Еден од полицајците почна да ме влече, ме зеде и ме праша дали сум сакала да умрам. Само ме извлече наеднаш. Во автомобилот веќе беа ставени син ми и сопругот, мене ме ставија и нè однесоа. Јас немав време да земам ништо“, рече Даринка Грабанакова.
Даринка и нејзиното семејство имаат куќа во Скопје, но овдешниот живот го сакаат повеќе. Таа овде има започнато и бизнис со садници, ама добар дел и од нив му подлегнале на огнот и изгореле. Според неа, вионвни се и од ЕВН, бидејќи ова не е прв пожар кој се случува во атарот на Карбинци. Имено за неполн месец ова е трет пожар по ред.
„Јас сепак мислам дека ЕВН треба да поднесат одговорност и ќе поднесам тужба, зашто тука има преку 60 илјади евра вложувано. Јас не можам туку така да преболам. Еден пожар имаше пред неколку месеца, ова е втор. Значи, нешто се случува. Точно, суша е. Ама треба да се види што друго се случува“, додаде Даринка.
На местото на опожарената куќа утринава беа и од Јавното претпријатие Плачковица. Директорот Горги Јанков, истакна дека комуналците прават санации колку што дозволуваат условите, а истото ќе продолжи и во наредните денови. Без електрична енегрија се и соседните куќи на кои им посочиле дека струја ќе добијат дури утре.
Комадирот на тппе Штип Тони Атанасов посочи дека на терен се излегло со 4 возила и 15 пожарникари. Во овие 24 часа регистрирани се три пожари на територијата на Карбинци.
Лаура Стојанова МНет