Повторно пет починати лица за 24 часа во Штип, слободни се само две ковид места

Повотрно висока бројка на починати пациенти во последните 24 часа во модуларната ковид болница во Штип. Од пет починати пациенти едно лице било вакцинирано со две дози вакцини, а едно од нив имало примено само една доза вакцина. Останатите три лица биле невакцинирани. Битката со невидливиот непријател ја изгубиле две лица од Штип и по едно од Радовиш, Делчево и с. Спанчево, кочанско. Најмладиот починат пациент е на 63 годишна возраст, информираат од Клиничка болница Штип. Во модуларната ковид болница во Штип слободни се само две места, а полно е и Кожното одделение кое од пред два дена работи како ковид центар. Расте и притисокот врз болниците како и бројот на ново хоспитализирани пациенти. Во последното деноноќие во Штип примени се седум нови ковид пациенти.Од вкупно хоспитализираните 53 пациенти, 37 се со потешка клиничка слика и имаат потреба од кислородна поддршка, а 17 од нив се вакцинирани, информираше портпаролот на Клиничка болница Штип, Марина Шуманска.

Во меѓувреме директорот на Општата болница Кочани, Александар Серафимов истакна дека доколку има потреба во текот на недела ќе биде отворена и модуларната ковид болница во Кочани, а инфектолози ќе се повлечат од Штип бидејќи Кочани нема.

Во ковид одделот во Кочани кои функционира моментално има хоспитализирано 9 пациенти, препратени од Штип, а само едено е со потешка клиничка слика додаде Серафимов.

Во Штип од почетокот на пандемијата до денес се регистрирани 5229 позитивни лица, починати се 150, оздравени 4895 а моментално се активни 186 лица, информираат од центарот за јавно здравје.

Лаура Стојанова М-Нет