Пелистер на подготовки во Охрид, закажани пет пријателски натпревари

фото: ФК Пелистер

Битолскиот второлигаш Пелистер главната фаза од подготовките ќе ја одработи во Охрид, а закажани се и пет пријателски натпревари преку кои ќе се бруси формата за пролетната полусезона.

Пелистер на 27. јануари заминува во Охрид каде ќе остане до 4. февруари, а покрај Охридското Езеро ќе одигра три натпревари.

На 27. јануари ќе се одигра првиот контролен натпревар против Караорман на Градскиот стадион во Струга, втората контролка ќе биде против Работнички на 31. јануари на „Билјанини Извори“ во Охрид, а на истиот терен на 4. февруари ќе следува тест против штипска Брегалница.

На 8. февруари на Градскиот стадион „Гоце Делчев“ во Прилеп екипата на Пелистер ќе се тестира со Победа, додека пак „генералката“ е закажана против Тиквеш на Градскиот стадион во Кавадарци за 11. февруари.

Пелистер е на четвртото место на табелата со 30 освоени бодови, а во пролетниот дел силно ќе атакува на местата кои водат во Прва лига со што ќе направи експресен кам-бек во фудбалската елита на Македонија.