Паунов: Наредната година ќе се реконструира патниот правец Долни Балван – Таринци

Напролет да започне реконструкција на една од главните артерии во Општина Карбинци се очекувањата на првиот човек на општината, Виктор Паунов. За реконструкција на патниот правец од село Долни Балван до село Таринци се завршени сите обврски од страна на општината. Ако се се движи според планираното, и до крајот на годината се распише тендерот од страна на Министерството за транспорт и врски, наредната година Општина Карбинци ќе добие реконстуиран патен правец и нова велосипедско пешачка патека.

„Општина Карбинци го има аплицирано овој проект, тоа е еден од двата проекти кои ги имаме аплицирано во Транспорт и врски, финансирано од светска банка, во програмата за реконструкција на улици и патишта. Се работи за потегот од село Долни Балван до село Таринци со велосипедско пешачка патека. Сите обврски на Општина Карбинци се завршени од страна на администрацијата и на проектантскиот тим. Очекуваме до крајот на годината да биде објавен и тендерот во оној лот пет којшто го објавува министерството и откако ќе биде избран изведувачот да биде избран и надзорот и доколку е се во ред очекуваме некаде напролет да започне оваа реконструкција и изградбата на велосипедско пешачката патека која ќе биде осветлена“ – кажа Паунов.

Ова впрочем ќе биде и првата велосипедско пешачка патека која треба да ја добие Општина Карбинци, целосно уредена и осветлена.

„Овој патен правец е со должина од еден километар и 600 метри по истиот долж ќе биде и патеката, а ние понатаму го имаме изработено и проектот од село Таринци до село Карбинци за дополнителна велосипедско пешачка патека во должина од 1800 метри и се надевам дека ќе успееме во наредната година барем да го отпочнеме и тој проект за да почнеме да се развиваме и во спортот и рекреацјата и во нашите населени места“ – додаде Паунов.

Од Транспорт и врски истакнаа дека откако ќе се разгледа прокетот ќе излезат со информации за јавноста во врска со реконструкција на овој патен правец.

Лаура Стојанова М-Нет