
Општина Карбинци согласна дека локалитетот Баргала мора да се осветли и огради проектот го стави меѓу приоритетите. Иако како проект помеѓу Општината и Центарот за развој на Источно планскиот регион постои уште од мината година, се очекува негова реализација да има до крајот на годинава. За проектов имаше и точно одвоени финансиски средства, меѓутоа новата власт дополнително ќе ги разледува и дефинира деталите. Како што истакна градоначалникот Паунов, реализација ќе има, но останатото дополнително ќе се соопшти.
„Претходната година проектот беше испланиран, меѓутоа не влезе во оние приоритетни проекти, така што успеавме оваа година да го ставиме на приоритетната листа со што ќе го реализираме. Се надевам дека до крајот на годината ќе биде успешно реализиран овој проект во којшто Општина Карбинци ќе учествува со десетина проценти кофинансирање, односно сѐ уште сме во фаза на дефинирање на овие детали, така што во следниов период, кога и официјално ќе го потпишеме договорот, ќе ги соопштиме и деталите во однос на овој проект“, истакна Паунов.
За проектов како приоритетен се разговараше и на вториот форум на заедницата за проекти во општините од истокот, кој се одржа минатата недела. Претседателката на Центарот за развој на ИПР, Зуица Ангелова, истакна дека како и минатата година проектот доби зелено светло. Инаку, истиот предвидува подобрување на туристичката сигнализација и инфраструктура во Источно планскиот регион со електрификација и партерно уредување на археолошкиот локалитет „Баргала“.
Минатата година најавите беа дека ова ќе биде заеднички проект помеѓу општините Штип и Карбинци, со што во Карбинци ќе се уреди локалитетот „Баргала“, а во Штип ќе се реставрира „Саат – кулата“. Според тогашните изјави за двата заеднички проекти предвидени беа 11 милиони денари, а само за локалитетот „Баргала“ нешто повеќе од 6.000.000 денари.
Ребека Спасова М-Нет