
Втората македонска фудбалска лига пополека се комплетира со одложените натпревари, откако вчера беа одиграни двата натпревари од 2. коло со што оваа рунда беше комплетирана.
На М Нет телевизија го следевте натпреварот меѓу Детонит Плачковица и Охрид, каде „рибарите“ со головите на Матески и Јахја постигнати во вториот дел триумфираа и освоија три бодови со што Охрид е старо-нов лидер на табелата, а пак Детонит Плачковица стигна до третиот пораз во низа и сега е на деветтото место со седум бодови на своето конто.
Работнички успеа да слави со минимални 0:1 над Тетекс и така „романтичарите“ сега се на четвртото место со 12 бодови, а пак „штофарите“ го држат 11-тото место со шест бодови.
Сепак, Работнички има уште еден заостанат натпревар, тој со Брера Струмица од петтото коло. Овој меч може да донесе нов лидер. Ако Работнички го добие тој меч ќе биде израмнет на врвот со Охрид, но доколку Брера Струмица запише триумф над Работнички, тогаш струмичани ќе бидат на врвот од табелата со бод повеќе од Охрид. Но, овој меч не е познато кога ќе се одигра, но во секој случај ќе бидат златни три бода и за двете екипи, ако претходно одиграат мечеви од седмо и осмо коло.
Следува репрезентативна пауза, а возбудувањата во Втората лига ќе продолжат на 10 октомври со натпреварите од седмото коло. До тогаш пред екипите ќе имаат пауза, не само за одмор, туку ќе биде можност и за мини подготовки, дел од екипите размислуваат за пријателски натпревар, но и можност да се корегираат работите, бидејќи некои екипи и не одиграа според планот.
Александар Ванев, М-Нет