
Официјално отворен клонот „Детелника“ при детската градинка „Павлина Велјанова“ во Кочани. Станува збор за објект кој се простира на илјада метри квадратни институционална површина и 2.5 илјади метри квадратни дворна површина. Ќе згрижува околу 120 дечиња на возраст од девет месеци до шест години, а ќе отвори можност за нови 20 вработувања. На ваков начин ќе се намали и листата на чекање за згрижување на децата од Кочани во градинка.
„Овој објект е објект каде нашите најмлади ќе ги стекнат првите знаења, ќе ги направат првите чекори. Овој клон „Детелинка“ при детската градинка „Павлина Велјанова“ е директен одговор на потребите на нашите сограѓани. Ќе се намали листата на чекање за прием на децата во градинките“ – вели Грозданов.
Во наредниот период треба да се отворат уште пет нови детски градинки во државата, со што се работи на проекти кои ги опфаќаат пред се најмалите и нивните потреби.
„Ниедно дете не треба да биде на листа за чекање и ова за одреден временски период од денекса ќе биде реалност и тоа ќе биде можност за секое едно семејство во Македонија. Секоја општина која има реална потреба во делот на детската заштита да влезат во плановите на министерството во рамки на повиците кои беа од Владата“ – вели Велковски.
Владата ќе продолжи да ги поддржува реалните приоритети и на општините и на министерствата, истакна денеска од Кочани, премиерот Христијан Мицкоски.
„Само сакам да побргу да се реализираат проектите, ние како Влада ќе продолжиме да ги поддржуваме во нивните приоритети, бидејќи тие најдобро знаат – градоначалникот овде во Кочани, заменик министерот во самото министерство што е она што е приоритет на граѓаните“ – додава Мицкоски.
Детската градинка во Кочани започна да се гради пред четири години, но заради различни техники причини истата не беше официјално отворена за прием на дечињата.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет