
Откриена ѕидана гробница во близина на село Радање, Општина Карбинци. Станува збор за могила, конструкција од реден речен камен, со димензии 16 на 12 метри, висока скоро четири метри. Кон врвот на могилата водат четири скали кои се направени од камен со правоаголна форма. На врвот на могилата е направен посебен простор каде е поставен покојникот.
„Се работеше некаде околу триесетина дена и е откриена оваа ѕидана гробница која датира од крајот на втори и почетокот на трети век. Откриени се повеќе наоди од керамика и монети“ – вели Штерјов.
Уникатноста на гробницата е во нејзината структура. Досегашните искуства на могилите на овие простори се прикриени само со земјена обвивка, но оваа е ѕидана и по тоа се разликува. Значајно за штипскиот регион е што има доста могили кои датираат од римскиот период.
„Во оваа могила се погребани три индивидуи, се работи за многу голем гроб и се разликува што во него не пронајдовме остатоци од кремација. Овде е запазен ритуалот гробната јама пред положувањето на покојниот била ритуално горена да се исчисти од злите духови и во централниот дел од гробната јама е ископано посебно лежиште каде била поставена урната.“ – вели Секулов.
На овој простор се регистрирани околу десетина могили, на оовој локалитет биле пет. Археолиозите Секулов и Штерјов велат дека централниот гроб на оваа могила бил ограбен уште во времето на антиката, многу брзо после погребувањето.Штерјов вели дека по откриевањето на ваквите ретки наоди ќе достават проект до Министерството за култура и туризам, со цел да се конзервираат двете гробници и да се добие уште една туристичка понуда во Општина Карбинци, покрај археолошкиот локалитет „Баргала“.
Лаура Стојанова М-Нет