
Штипскиот градоначалник од Министерството за финансии бара Општина Штип, односно ЈП „Исар“, да биде ослободено од наталожените каматни обврски од долгот. Вели дека и оваа година по тој основ ќе исплатат повеќе од 1 милион евра, ама истите тие пари би можеле да се алоцираат за нов булевар, нови улици, нова градинка и други капитални инвестиции доколку бидат ослободени од плаќањето на каматата.
„Општина Штип и за оваа година предвидува на Министерство за финансии да врати повеќе од 1 милион евра пари од граѓаните за сервисирање на наталожените камати од застарениот долг којшто досега не бил сервисиран, а со тоа да се намали обврската којашто Општина Штип, односно ЈП ја има кон МФ. Ова е уште една одлука којашто нас нѐ дискредитира. Во минатото со одлука на Влада многу Општини и Локални самоуправи беа ослободени од плаќање на овие камати, од плаќање на зголемени и заостанати долгови коишто ги имале само со една одлука на Влада и затоа доколку сака да помогне на Општина Штип, може со одлука да нѐ ослободат од враќање на овие наталожени обврски“, истакна Јорданов.
Во оваа насока, Јорданов вели дека Општината веќе една година е условена, задолжена и заложена и во 2022 година наместо во улици и други инвестиции, 1 милион евра се слеале во исплатата на каматите кон Министерството за финансии.
„И покрај енергетската, финансиската криза, и покрај зголемените трошоци за електрична енергија, материјали, плати, енергенси, во изминатата 2022 година успеавме да вратиме повеќе од 60 милиони денари или повеќе од 1 милион евра, пари на граѓаните, кон Министерството за финансии. Доколку не бевме приморани да ги враќаме овие камати, сигурно дека овие финансиски издатоци граѓаните ќе можеа да ги видат во непосредни капитални проеки“, додава Јорданов.
Јорданов потсетува дека Општината има обврска да го врати долгот на ЈП „Исар“ во висина од 4 милиони евра или 246 милиони денари, направен во изминатите 20 години со зголемена камата од 220%.
Ребека Спасова М-Нет