
Штипскиот пливач Методи Георгиев во недела и официјално ќе се „одјави“ од професионалното пливање, со учество на меѓународниот пливачки митинг „Орин куп“ во Скопје.
Со над 150 освоени медали, многу испливани километри, учество на силни домашни и меѓународни натпревари, Георгиев во недела за последен пат ќе го има неговиот официјален натпревар.
„Во недела на 27 септември се одржува меѓународниот пливачки митинг Орин куп, на којшто ќе настапи и пливачкиот спортски клуб Челиџни од Штип со шест пливачи. На овој пливачки митинг за последен официјален натпревар ќе биде нашиот пливач кој што веќе десет години професионално плива во нашиот клуб, Методи Георгиев. Со тоа ќе ја одбележеме неговата успешна кариера која треба да биде пример за наредните генерации пливачи како во Штип, така и целиот Источен регион, да голем број на деца треба да се занимаваат со спорт“, вели Јакимовски.
Георгиев кој е пример за многу млади пливачи, в недела ќе плива за уште еден медал, кој сигурно ќе има посебно место во неговата кариера.
„Тој има освоено преку 150 медали, учество на голем број меѓународни пливачки митинзи, како во далечинско пливање, така и на кратки стази, испливано голем број на километри за да биде толку успешен“, вели тренерот.
Покрај Георгиев, од штипскиот клуб на Орин куп ќе настапат уште неколку пливачи во дисциплината 50 метри слободно.
„Освен него, ќе учествуваат уште пет пливачи, за кои ова е трет настап годинава. Тоа се Марко Доневски, Алек Николов, Јован Стојчев, Дарио Китанов и Кирил Лазаров. За нив ќе биде едно големо искуство за тоа што ќе настапат на Олимпискиот базен во Скопје, инаку тие ќе пливат во дисциплината 50 метри слободно“, дополнува Јакимовски.
Доневски, Николов, Стојчев, Китанов и Лазаров ќе имаат можност за последен пат да пливаат со Георгиев, а за што клубот Челиџни изразува голема благодарност за посветеноста и секој успех на штипскиот пливач.
Александар Ванев, М-Нет