Општина Ѓорче Петров обезбедува 10.000 денари годишна поддршка за секој ученик со попреченост

Општина Ѓорче Петров обезбедува еднократна годишна финансиска поддршка во износ од 10.000 денари за секој ученик со попреченост, согласно класификацијата МКФ и мислење на ЗМЗ, во текот на целото образование.

Со оваа мерка, општината им излегува во пресрет на семејствата на учениците со попреченост, обезбедувајќи финансиска помош наменета за покривање на дел од трошоците поврзани со образованието, развојот и секојдневните активности на учениците.

„Продолжуваме да градиме заедница во која ниту едно дете не е заборавено. Нашата цел е секој ученик да има еднакви можности за учење, развој и напредок. Инклузијата не смее да биде само збор – таа мора да биде конкретна грижа, мерка и поддршка. Токму затоа продолжуваме со политики што ги ставаат граѓаните на прво место и ја прават Општина Ѓорче Петров пример за општество со еднакви шанси за сите“, истакна градоначалникот, Александар Стојкоски.

Со оваа мерка, додаде тој, Општина Ѓорче Петров ја потврдува својата заложба за создавање инклузивна локална заедница во која секој ученик има можност да го оствари својот потенцијал, без оглед на предизвиците со кои се соочува.

Текстот Општина Ѓорче Петров обезбедува 10.000 денари годишна поддршка за секој ученик со попреченост е превземен од МАКФАКС.