
Општина Кочани не се согласи да го намали бројот на легла во Домот за стари лица, па размислува парцелата и проектот да ги понуди на приватен инвеститор. Министерството за труд и социјална политика поради недостаток на средства побара да се намали капациетот од 150 на 50 легла, но локалната власт не се согласи да го ревидира проектот.
„Тој концепт е исто во игра, ја држиме таа позиција. Разговараме со многу заинтересирани страни. Дури сме спремни за евентуален приватен инвеститор кој би сакал да инвестира во тој правец и во таков капацитет“, вели Папазов.
Во меѓувреме, општините од Истокот се празнат со младо население, а остануваат да живеаат повозрасните, односно нивните родители.
Во Брегалничкиот регион засега Дом за стари лица има само во Берово, каде што листата за чекање е долга, а во меѓувреме се гради и нов објект, со што капацитетот се проширува. Дом за стари лица предвидено е да се отвори и во Пробиштип.
Ребека Спасова М-Нет