Општата болница во Кочани го решава проблемот со кадар, се реконструираат неколку оддели

Реновирана ординацијата за уво, нос и грло во кочанската Општа болница, а ангажиран е и специјалист од оваа област, Итната медицинска помош располага со доволен број на тимови. Како што велат од болницата се надминува проблемот со недостатокот од специјалисти и се добива кадровско засилување.

Се очекува дополнително екипирање со специјалисти и на одделите за гинекологија и интерна медицина. Со ова значително ќе се подобри здравствената заштита на граѓаните, но и ќе се намали оптовареноста на постојниот медицински персонал.

   „Во однос на општи лекари во Итната медицинска помош, таму сме покриени. Добивме нови вработувања и ќе имаме услови да пратиме лекари на специјализација и да имаме доволен број на тимови. Сега очекуваме да добиеме тројца нови специјалисти по гинекологија, тројца специјалисти по интерна медицина„ изјави д-р Катерина Паниќ-Мирчовска, директор на Општа болница-Кочани.

По пожарот во дискотеката Пулс и големиот број повредени, болницата има најголема потреба од специјалисти по физикална медицина. Недостатокот засега се решава со ангажирање на физијатри од другите болници, за да се обезбеди навремена грижа за пациентите кои настрада во пожарот.  

   „Недостатокот е насекаде, не само кај нас. Заради ситуацијата што ни се јави, највееројатно ќе имаме потреба уште од еден специјалист по физикална медицина….знаете кога нешто подолго време не било реновирано оди тешко и не се знае на кој оддел да се даде приоритет. Но на овие одели каде веќе биле повредените добиваат некакво ново руво„ изјави директорката на ОБ-Кочани, д-р Катерина Паниќ-Мирчовска. 

Освен недостаток од специјалисти, на кочанската болница и е потребен дополнителен технички персонал, како и медицински сестри и болничари. На последниот оглас за вработување, распишан минатата година за позицијата медицинска сестра, не се јавил ниту еден, поради што огласот пропаднал.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет