
Минатата сезона одбојкарскиот клуб Штип УГД испиша историја освојувајќи ја првата Куп титула во својата историја совладувајќи ја Струмица со што беше прекината доминацијата на струмичани, а од друга страна штипските одбојкари водеа борба во завршницата со Струмица и во првенството каде струмичани беа подобри.
Со овој голем историски успех за ОК Штип УГД се отвара можноста да се учествува во европските натпреварува, но како што вели тренерот на клубот Кристиан Ристески во гостувањето во спортскиот магазин Трибина на М Нет телевизија, клубот поради проблем со финансиите и немањето на соодветна сала во Штип, не го пријави учеството за настап во Европа.
„Ни беше загарантирано учеството, меѓутоа ние моравме да пријавиме во кое натпреварување ќе се натпреваруваме. Направивме состанок ги разгледавме сите можности и трошоци за целата сезона колку ќе не кошта тие натпреварувања, на крај дојдовме до заклучок дека ние едноставно нема финансиски тоа да го издржиме оваа сезона. Не само финансиски и тоа што ние немаме соодветна сала за одржување на тие натпревари. Значи треба да отидеме во друг град, требаше да ги организираме тие натпревари во друга сала сетоа тоа ќе кошта повеќе ќе чини многу повеќе пари од тоа што би чинело доколку се натпреваруваме тука дома“, рече Ристески во Трибина на М Нет.
Ристески во Трибина истакна дека според најавите за реконструкцијата на СРЦ „Џексон“ треба да ги исполнува минималните услови за вакви натпревари, па се надева дека отварањето на СРЦ „Џексон“ би можело да биде и со еден европски натпревар.
„Има најава за после реконструкцијата на „Џексон“ дека ќе ги исполнува минималните услови за одржување и одигрување на такви натпревари, па јас би рекол оваа сезона ја ризикуваме и на некој начин да стигнеме до повторно до некој убав таков резултат соодветен со кој што ќе ни се овозможи европско натпреварување и зошто да не биде некое отварање на спортско рекреативниот центар „Џексон“ со еден европски натпревар“, додека Ристески.
Клубот воглавно се финансира преку ваучер системот, поддршката од општината и универзитетот.
„Главните финансии на нас ни се преку тој ваучер систем и она што го добиваме од опшината. Точно Универзитет „Гоце Делчев“ на нас ние е ветер во грб и ние имаме огромна поддршка. Меѓутоа, тој буџет кој што го имавме минатата сезона и буџетот кој што оваа сезона треба да ни следи вклучувајќи ги и тие европски натпреварување во иднина е многу повисок некаде би рекол повеќе од три пати“, рече тренерот на ОК Штип УГД, Кристиан Ристески.
Во новата сезона ОК Штип УГД ќе ја брани Куп титулата, но ќе води борба односно и во првенството за освојување на истата.
Александар Ванев, М-Нет