
Околу 90 ученика се отпишале од основните и средни училишта во Штип во првото полугодие, а 40 се новозапишани. На крајот на првото полугодие податоците покажуваат дека поголеми промени има во основните училишта од каде заминале 50 деца, а нешто помалку за четири месеци се отпишале од средните училишта на територија на Штип. Од друга страна радува фактот дека има и деца кои се враќаат од странство и продолжуваат со образование во Штип.
„Податоците говорат дека во основните училишта завршиле вкупно 3558, а додека во средните училишта 1852 ученици. Имаме промена, околу 50 деца се отпишале од основните училишта, а додека во средните се отпишале 38 ученици. Но, имаме и новозапишани ученици, околу 40 на ниво на општина.“ – вели Санева.
И понатаму најголема причина за отпишување на учениците останува миграцијата. Дел од семејствата заминуваат во друга држава, и заради ова и децата се отпишуваат од училиште. Но споредбено со претходните години бројката на деца кои заминуваат се намалува.
„Мислам дека имаме намалување на бројот на ученици кои заминуваат во странство за разлика од претходните години. Сепак постојат семејства кои заминуваат се уште, но се надеваме дека тој тренд ќе биде во опаѓање и ќе се намали процесот на миграција.“ – додава Санева.
Зимскиот распуст ќе трае до 19 јануари, а веќе од 20 дечињата се враќаат во училишните клупи.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет