Околу 40% од изградбата на новата КБ Штип е завршена, пари за реализација има

Рокот за изградба на првата фаза на новата клиничка болница во Штип останува до декември оваа година, односно нема негово пролонгирање. Државата засега сама ќе обезбедува пари за реализација на овој проект. Од Министерството за здравство не прецизираат од каде ќе се обезбедат средствата, но одговорија дека планираните финансиски средства се намалени. Со последниот ребаланс на буџетот планираните близу девет милиони евра се скратени на два милиони евра, што речиси целосно ќе се обезбедат од државниот буџет. Според Министерството, градежните работи напредуваат и реализација на објекот е околу 40%.

„Земјаните работи за прва фаза се комплетно завршени, исто како и бетонските работи. Поставени се прозорци, речиси комплетно е завршена фасадата. Во завршна фаза се внатрешните ѕидови и поставувањето на канализационата и водоводната инсталација. Донесени се трансформаторите и голем дел од клима коморите, а паралелно се работи и на поставување на вентилацијата и електричната инсталација. Се работи на завршните градежно-занаетчиски работи (поставување на плочки и подови). Исто така се усогласуваат завршните работи со техничките барања на производителот на опремата“ велат од Министерството за здравство.

За изградбата на штипската Клиничка болница недостасуваа над 14 милиони евра, а граѓаните на источниот и југоисточниот регион ја чекаат веќе девет години.

Лаура Стојанова М-Нет