
По одлуката на Владата, од денеска угостителските објекти се враќаат на старото работно време кое беше пред 18 декември минатата година, односно истите ќе работат до 21 часот. Ковид пандемијата најмногу влијаеше на овој сектор, бидејќи за време на празниците кога впрочем имаа и најголема посетеност и најмногу работа истите клуч на врата мораа да стават во 18 часот. Единствена можност и беше шалтерско работење или нарачки со достава.
„Загубите се јасни до 18 часот не може да се работи нормално бидејќи луѓето се до 16 часот на работа и нема простор кога да бидат примени гостите. Одлуката да се работи до 21 часот е добра, но уште подобро би било доколку остават простор да се работи до 23 часот“- истакна менаџерот на пицерија „Аквариум“, Постолов.
Начинот на одвивање на работата е со почитување на мерките и протоколите за заштита од Ковид-19, како од угостителските објекти така и од самите гости.
Затворените врати на угостителските објекти, не ги спречи луѓето да нарачуваат и добиваат услуга преку бесплатната достава, која ја нуди пицерија „Аквариум“ Кочани. Побарувачката е доста намалена, но сепак постои па барем малку ја ублажува ситуацијата со загубата која и без тоа ја трпат угостителите. Инаку, министерот за здравство Венко Филипче, најави дека од наредната недела ќе се разгледува можноста угостителските објекти да работат до 23 часот.
Лаура Стојанова М-Нет